Презентација на проектот на Отворениот регионален фонд за унапредување на надворешната трговија (ОРФ НТ) „Консалтинг за унапредување на извозот“ и порталот www.see-consultancy.net
Извозниците добиваат заедничка регионална on-line база на податоци за консултантски услуги
На 24 септември 2009 година во просториите на Стопанската комора на Македонија, беше претставена компонентата „Консалтинг за унапредување на извозот“ од Отворениот регионален фонд за унапредување на надворешната трговија за Југоисточна Европа. Проектот се имплементира од страна на Германската Техничка Соработка (GTZ - www.gtz.de) по налог на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) во шест земји во Југоистoчна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Србија). Партнери во Македонија се Фондот за развој на човечки ресурси (www.hrdf.org.mk) и Стопанската Комора на Македонија (www.mchamber.mk).
Многу мали и средни претпријатија (МСП) од Југоисточна Европа имаат добар потенцијал за извоз. Сепак, тие не можат целосно да го искористат овој потенцијал поради недостигот на неопходното искуство и информации поврзани со извозот.
Консултантскиот бизнис во регионот е во развој, но националните пазари се мали, особено за конкретната стручност која е често потребна кога се работи за извезување. Нискиот степен на формална организација на консултантите во повеќето земји, на МСП им го отежнува пронаоѓањето на консултанти и проверувањето на понудата на консултантски услуги на нивниот домашен пазар, како и во соседните земји. Од друга страна, МСП се уште не ги согледуваат консултантските услуги како вистинска вредност за нивните претпријатија.
Со цел да се подигне нивото на соработка помеѓу малите и средни претпријатија и деловните консултанти, како и помеѓу самите деловни консултанти, проектот го започна воспоставувањето на регионална мрежа на деловни консултанти ориентирани кон извозот.
Централен елемент на оваа мрежа е интернет порталот www.see-consultancy.net на кој се наоѓа регионална база на податоци на консултанти и кој воедно делува и како платформа за разменување и дистрибуција на информации. Освен професионалните консултанти, корисници на порталот се малите и средни претпријатија кои бараат консултантски услуги и институциите кои го поттикнуваат извозот како што се агенциите за промоција на извозот, стопанските комори и други владини и невладини тела.
Главните проектни активности, како што се регионалните работилници и конференции, се насочени кон јакнење на мрежата на консултанти, додека обуките целат на создавање и надградување на знаења и вештини специфични за извозните активности. |